Барем девет клубови од Серија А, вклучувајќи ги Интер, Милан и Наполи, одбиваат од понеделник да одат на долг тренинг во карантин додека не се смени медицинскиот протокол кој треба да го почитуваат.
Повеќе италијански извори како „Скај спорт Италија“ и „Ла република“ откриваат дека клубовите од Серија А и Асоцијацијата на фудбалери решиле да се побунат против протоколот кој беше усогласен помеѓу Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) и италијанската влада.
Главен проблем е автоматскиот карантин од 15 дена за целиот тим ако еден фудбалер или член на клубот добие КОВИД-19, и тие сакаат да го наметнат моделот од германската Бундеслига, каде што по позитивен случај следи само изолација на човекот кој е позитивен и тест на сите останати.
Групните тренинзи во Италија треба да почнат во понеделник, така што единствен начин да се осигура да нема позитивни тестови е да се „затворат“ фудбалерите и членовите на тимот во „изолација“ до крајот на сезоната. За дел од клубовите ова не само што е неприфатливо, туку е и неизводливо.
Претседателот на Интер, Бепе Марота во изјава за весникот „Ла република“ вечерва потврди дека се работи за „непрактичен и бесмислен“ протокол, бидејќи нивниот тренинг-центар има само 27 соби.
„Не сакаме контроверзи, но со вакви правила, ние едноставно не сме способни да направиме изолација на клубот. Бараме тоа да се смени бидејќи нема друга алтернатива“, изјави Марота.
Според италијанските извори, засега на оваа страна се девет клуба: Интер, Милан, Наполи, Фиорентина, Каљари, Верона, Аталанта, Сампдорија и Џенова.