Top Sport

Кој е „мексиканскиот Меси“, најмладиот фудбалер во историјата на Ла лига? (видео)

Лука Ромеро, 15-годишниот фудбалер на Мајорка во средата влезе во историјата како најмлад фудбалер кој играл официјален меч во Ла лига против моќниот Реал Мадрид. Со влезот во 83. минута, на 15 години и 219 дена, Мексиканецот влезе во историјата, но кој е навистина тој?

Младиот напаѓач го сруши рекордот кој траеше од 1939 година, кога Селта Виго го постави Сансон со 15 години и 255 дена.

Ромеро е роден на 18 ноември 2004 во Дуранго, на северот на Мексико, каде што неговиот татко, Аргентинецот Адријан Ромеро играше како фудбалер од средниот ред за Алакранес. Младиот фудбалер, кој може да настапува за Мексико и Аргентина, веќе беше дел од У-15 тимот на Аргентина, и секако, споредбата со Лео Меси беше неизбежна.

Како Лео, Ромеро е низок, левучар и познат по својата контрола на топката, дриблањето и способноста да минува противници, а иронично, неговото деби дојде дента кога Лео го прослави 33-тиот роденден.

Ромеро и семејството се преселија во Шпанија кога тој имаше само две години, каде што Диего ја продолжи кариерата, пред да отвори фудбалска академија во Сан Жорди на островот Ибиза. На само седум години, Лука беше на „проба“ во Барселона, но неговото семејство не сакаше да се пресели во Каталонија, што значеше дека Блауграна не можат да му дадат договор според правилата на ФИФА за фудбалери под 10 години.

Неговото семејство подоцна се пресели на Мајорка, каде што Ромеро Сениор ја заврши кариерата. Лука бил забележан од скаутите на Мајорка и во 2015 година потпиша за нив како 10-годишник. Две години подоцна, според приказните, бил забележан од Дани Алвеш на плажите на Ибица, и Бразилецот им порачал на новинарите да го фотографираат него, бидејќи тој е „новиот Меси“.

„Тој е левучар, итар, конкурентен. Има совршени услови за да биде аргентински број 10. Сите го споменуваат Меси, но мене ме потсетува на Давид Силва“, вели помошникот тренер на Мајорка, Дани Пендин.

Неговиот прв тренер на интернационално ниво, аргентинскиот селектор на У-15, Алехандро Сагесе бара внимателност.

„Тој одигра еден јужноамерикански шампионат и има голема иднина пред него. Но, најважно е да се биде внимателен. Зборуваме за дете од 15 години. Дали игра добро? Да, секако, но на неговите документи пишува Лука Ромеро, а не Лионел Меси. Треба да ја запоше сопствената приказна“, вели Сагесе.

Scroll to Top