Флорентино Перез си го запиша своето име како еден од најважните луѓе во историјата на славниот Реал Мадрид, и порталот „Гол“ ја испитува позадината и успехот на шпанскиот бизнисмен.
Претседателот на „Лос бланкос“ го направи своето богатство во светот на градежништвото и архитектурата. Поранешниот политичар е потпретседател на групацијата „Групо АЦС“ од формирањето на компанијата во 1997 и исто така е главен акционер во компанијата со 12.8 отсто од акциите.
Перез првпат загуби во претседателските избори во Реал во 1995 година од Рамон Мендоза, но тој бргу си замина. Во 2000, Перез ги искористи слабите финансиски резултати на „кралевите“, ветувајќи низа на засилувања, вклучувајќи го и Луис Фиго од Барселона. Тој освои 94.2 отсто од гласовите и потоа веднаш го донесе Фиго за рекордна сума.
Тоа беше вистинскиот старт на „галактикос“ ерата на Реал Мадрид, и наскоро на „Бернабеу“ играа и Зинедин Зидан, Роналдо, Дејвид Бекам, Мајкл Овен и Робињо. Во првите шест години од неговото владеење, Реал освои две титули од Ла лига и една од ЛШ пред да си даде оставка во февруари 2006.
Но, Перез се врати во 2009 година, продолжувајќи ја „галактикос“ политиката – ги донесе Кака, Карим Бензема, Кристијано Роналдо, Чаби Алонсо, Месут Озил и Герет Бејл во следните години.
Како сопственик на огромна индустрија и главен човек на вториот најбогат клуб на светот, не е чудо што Перез е меѓу најбогатите Шпанци. Реал Мадрид, кои се во целосна сопственост на навивачите, вредат 3.6 милијарди долари според „Форбс“ со пруходи од 750 милиони евра за 2017/18.
Магазинот „Форбс“ го проценува богатството на Перез на 2 милијарди долари, со што тој е 1.215. најбогат човек на светот. Не е откриена неговата плата во Реал Мадрид, но затоа како потпретседател на „АЦС“ во 2016 година тој доби годишна плата од 5.93 милиони евра.
Фото: ЕПА