Иако многумина помалку „романтично“ сметаат дека успехот не може да се купи, последниот извештај на ФИФА за тоа колку пари се потрошиле во последната деценија на трансфери и првото место на Манчестер сити, покажуваат нешто поинаку.
Извештајот „10 години интернационални трансфери“, јасно ги покажува неверојатните суми кои се вклучени во светот на фудбалот од 2011 до 2020 и без изненадување, англиските премиерлигаши се меѓу тие кои трошат најмногу.
Сити, кои се претворија во гигант по купувањето на клубот од страна на шеикот Мансур Бин Зајед Ал-Нахјан, е на првото место во топ 30 клубови (сите во Европа), пред уште еден клуб поседуван од милијардери, Челси, пред Барселона, Пари Сен-Жермен и Реал Мадрид во топ 5.
ФИФА не ги објави точните бројки за секој клуб, но посочи дека Сити комплетирале 130 трансфери, од кои 59.2 отсто биле платени. Челси комплетирале 95 трансфери, од кои 80 отсто ги платиле.
Од 2011 до 2020 се потрошени вкупно 48.5 милијарди долари на трансфери, од кои англиските клубови потрошиле повеќе од една четвртина, 12.4 милијарди долари. 12 од топ 30 клубовите се од Англија – Сити, Челси, Ман јунајтед, Арсенал, Тотенхем, Ливерпул, Лестер, Саутемптон, Вулверхемптон, Евертон, Вест хем и Њукасл.
Бенфика, португалскиот гигант со фантастична програма за трансфери, е клубот кој заработил најмногу во овој период. 14 трансфери се направени над 100 милиони долари.
Последните 10 години исто така се гледа и огромното влијание на „супер-агентите“ како Жорге Мендеш и Мино Рајола – ФИФА тврди дека од 131.1 милиони долари заработени во 2011, сумата пораснала на 640.5 милиони долари во 2019. Вкупно 3.5 милијарди долари завршиле на сметките на агентите.