Лидс јунајтед им го нанесе на Челси првиот пораз во новата премиерлигшка сезона, победувајќи со спектакуларни 3:0 на „Еланд роуд“, додека Брајтон по убедливата победа над Манчестер јунајтед, славеше со 0:2 на гостувањето кај Вест хем, оставајќи ги „чеканите“ без поени по три кола и на дното на табелата.
Работите тргнаа на лошо за тимот на Томас Тухел во 33. минута од мечот, кога голманот Едуар Менди направи несфатлива грешка и дозволи Брендeн Аронсон да постигне гол, за само четири минути подоцна Родриго да го продолжи одличниот старт на сезоната за 2:0. Сите надежи за камбек беа „урнати“ во 69. минута кога Родриго му асистираше на Џек Херисон за 3:0. Лидс имаат одличен старт на сезоната со две победи и едно реми во првите три меча. За Челси пак, мизеријата да биде поголема, Калиду Кулибали во 84. минута доби втор жолт картон.
Во Лондон пак, Брајтон дојде во водство во 22. минута со голот од пенал на Алексис Мекалистер, за во 66. минута, Лоик Тросар да го удвои водството на тимот на Греем Потер. Брајтон, исто како и Лидс имаат две победи и едно реми на стартот на сезоната.