Додека италијанските клубови почнаа со подготовките за враќање на тренинзи веќе од утре, министерот за спорт на оваа земја, Винченцо Спадафора ги предупреди дека ќе мораат да почекаат до 18 мај за да се вратат на работа.
Првичната одлука на италијанската влада беше од утре да се дозволат тренинзите за индивидуалните спортови, додека тимските тренинзи да продолжат на 18 мај. Меѓутоа, денеска се објави веста дека и фудбалските клубови ќе можат да ги отворат своите врати од понеделник, пред Спадафора преку Фејсбук да ја отфрли оваа можност.
„Видов некои чудни работи во медиумите, но ништо се нема сменето околу одлуката за фудбалските тренинзи – тимските тренинзи можат да продолжат на 18 мај, а уште не сме разговарале за рестартирање на сезоната. Засега, се извинувам, но сакам да се фокусирам на другите спортови и комплекси (вежбалните, базените и така натаму), кои мораат да се отворат што е можно побргу“, напиша Спадафора.