Top Sport

Конте и Сари се согласија – на двајцата не им се допаѓа ВАР технологијата

Тренерите на Интер, Антонио Конте и на Јувентус, Маурицио Сари според сите очекувања ќе ја предводат борбата за скудетото оваа сезона, и едно нешто ги сврзува – двајцата се сомневаат во ВАР технологијата.

Сари признава дека не е „љубител“ на ВАР и дека уште се мачи да се снајде со сите „апсурдни“ правила пред локалното дерби со Торино и тој застана во одбрана на судиите кои минатата недела беа под притисок по некои контроверзни одлуки во Серија А и одбивањето да се консултираат со ВАР.

„Најдобро е кога судијата го контролира мечот на теренот. Не мора да се проверуваат сите одлуки. На пример, уште не ги сфатив правилата за тоа кога има игра со рака. Но, во секојдневието има апсурди на кои мораме да се навикнеме. Мене не ми се допаѓа што во италијанскиот фудбал ВАР се користи три или четири пати по натпревар, додека во другите лиги тоа е многу поретко“, вели Сари.

Конте, пак, вели дека ја загубил „довербата“ во ВАР оваа сезона, но додава дека технологијата е многу важна за фудбалот.

„ВАР не се користи на ист начин за сите. Најважно е за големите одлуки. Лани имав доверба, но денеска не сфаќам зошто има толку несигурност и нестабилност. Да бев судија, ќе ја направев мојата одлука и потоа ќе ја ставев во рацете на ВАР. Но, секако, ќе судев со повеќе смиреност“, вели Конте пред мечот на Интер со Болоња.

Scroll to Top