Поранешниот тренер на Челси и Јувентус, Антонио Конте вели дека ќе почека до јуни пред да се врати на фудбалот отфрлајќи ја можноста да го преземе Реал Мадрид, каде што уште не решиле што ќе прават со преодниот тренер Сантијаго Солари.
49-годишниот Италијанец е без работа откако Челси решија да го сменат со Маурицио Сари по две сезони во клубот во кои освои една титула од Премиер лигата и една од ФА купот. Се веруваше дека тој има договор со Реал Мадрид по отпуштањето на Хулен Лопетеги, но Конте во изјава за „Скај спортс“ вели дека иако има интерес од клубовите ќе почека до крајот на сезоната.
„Реал Мадрид? Според мене, подобро е да се почека до крајот на сезоната отколку да се влезе во возот кој се движи. Ќе почекаме до јуни и ќе почнеме нов проект. За три месеци можеби ќе го сменам мислењето и ќе го демантира ова што сум го кажал, но јас сум таков човек“, вели Конте.
Околу можноста да се врати во Јувентус, каде што беше три години од 2011 до 2014 година пред да стане италијански селектор, тој вели дека сигурно најлесно е да се врати во татковината.
„Не размислувам дали ќе му бидам тренер на Роналдо, бидејќи сум задоволен од тимовите кои ги водев и трофеите кои ги освоив. Јувентус расте и на бизнис ниво и на теренот и Алегри врши одлична работа. Секако, како Италијанец би сакал да живеам во Италија, но тоа не ги менува работите“, вели Конте.
Фото: ЕПА