Антонио Конте овојпат не можеше да ја скрие насмевката за лицето кога беше запрашан за скудетото кое е на дофат на неговиот Интер, откако вчера со 1:0 ја совладаа Болоња, додека Милан и Јувентус одиграа нерешено.
Голот на Ромелу Лукаку беше доволен за победа на „Дал’Ара“, деветта во низа во Серија А, што е втора најголема победничка серија на „нераѕурите“ во историјата, по 17-те победи едноподруго во 2007 под Роберто Манчини. Интер имаат осум поени предност пред Милан со натпревар помалку (кој ќе го играат против Сасуоло во среда).
„Неизбежно, како што се доближуваме до целта, секоја победа тежи повеќе. Да се победи во Болоња против тим кој игра добар фудбал со силен пресинг и има тренер како Синиша Михајловиќ не е лесно. Денот беше долг – го гледавме мечот на Милан, потоа и тој на Рома. Јувентус не ги гледавме бидејќи играа пред нас. Уште не го славиме скудетото, бидејќи треба да го заработиме на теренот и да го освоиме математички. За нас има уште 10 меча, за некои други по 9 и тоа се 27 или 30 поени за освојување. Но, сите гледаме кон целта и треба да стигнеме таму. Кога дојдов во Интер требаше да изградиме тим за три години со кој навивачите ќе бидат горди“, вели Конте.