Досегашниот тренер на Наполи, Маурицио Сари, многу е блиску до потпишување на договор со Челси. Во текот на денот, Сари, би требало да го финализира договорот со Челси, потврдил адвокатот на Наполи, Матија Грасани.
Патот до клупата на Челси на Сари, му го отвори неговиот сонародник Антонио Конте, кој вчера договорил спогодбен раскин на договорот. Челси на Конте ќе му исплати девет милиони фунти.
Конте во својата дебитанска сезона ја освои Премиер лигата, а минатата сезона триумфираше во Фа купот, меѓутоа не успеа да избори пласман во Лигата на шампионите.
Од друга страна, Сари по три сезони го напушта Наполи. За три години овој тренер го искачи Наполи во самиот врв на италијанскиот фудбал, но не успеа да ја освои титулата.
По завршувањето на сезоната, поради несогласувања со претседателот Аурелио де Лаурентис, тој реши да замине од клубот, а на неговото место дојде Карло Анчелоти.
Англиските медиуми шпекулираат дека прв помошник на Сари би требало да биде легендата на „сините“, Џанфранко Зола, а заедно со тренерот од Наполи на „Стенфорд Бриџ“ веројатно ќе дојде и Жоржињо.
Трансферот на Бразилецот со италијански пасош би требало да изнесува 50 милиони фунти.