Top Sport

Корона вирусот ќе ги чини врвните клубови фантастични 3.5 милијарди фунти

Најдобрите европски клубови ќе загубат повеќе од 3.5 милијарди фунти поради корона вирусот и покрај надежта дека националните шампионати и европските натпреварувања ќе се комплетираат во текот на летото, тврди „Би-би-си“.

Бројката е одредена на состанокот на најбогатите европски клубови минатата недела, а доколку не се комплетираат шампионатите, оваа сума ќе порасне на 6.2 милијарди фунти. Германската Бундеслига се рестартираше овој викенд, а има план за враќање на Премиер лигата, Ла лига и Серија А во јуни, додека француската Лига 1 веќе е откажана.

Самата сума покажува зошто клубовите се фокусирани на комплетирање на натпреварувањата, кои вклучуваат и 203 дуели во два меча на клубовите од 55-те членки на УЕФА во европските купови.

Една од главните пречки за рестартот се медицинските протоколи. Тим Маер, кој ја предводи медицинската комисија на УЕФА, исто така е одговорен за протоколот на Бундеслигата, која успешно се врати овој викенд, а владините барања се главна пречка и во Италија.

И со рестартирање на лигите, јасно е дека гледачите нема наскоро да се вратат на стадионите, што претставува голем проблем за клубовите кои имаат огромна бројка на фанови. Борусија Дортмунд на пример губи речиси 3 милиони евра по домашен натпревар, а Манчестер јунајтед би загубиле 140 милиони фунти во 2020/21 доколку на „Олд Трафорд“ нема гледачи.

„Во моментов најголем проблем претставува недостатокот на пари од мечевите, приходи кои едноставно исчезнаа. Ова е финансиски уништувачки за сите клубови, посебно на тие со голема база на навивачи. Најпопуларните клубови во Европа исто така се двигатели на пазаротн а играчи и на правата за ТВ-преноси, со што сите ќе страдаат, и големите и малите“, вели Чарли Маршал, извршниот директор на Европската асоцијација на клубови (ЕЦА), собирот на најбогатите клубови на светот.

Scroll to Top