Top Sport

Кошмар за Интер на Сардинија! (видео)

Интер утре може да го загуби третото место во Серија А од лутиот градски ривал Милан, откако на секогаш тешкото гостување на Сардинија загуби со 2:1 од Каљари, продолжувајќи ја променливата форма во клубот кој е потресен со скандалот со екскапитенот Мауро Икарди.

Домаќините дојдоа во водство во 31. минута, кога Чигарини одлично го пронајде Лука Чепители, кој со глава беше подобар од Хандановиќ. Интер реагираше бргу и преку Лаутаро Мартинез стигна до израмнување седум минути подоцна, меѓутоа Каљари во 43. минута повторно дојде во предност преку Леонардо Паволети. Домаќините имаа и шанса за поубедлива победа, откако Николо Барела не успеа да постигне гол од пенал во 92. минута од мечот.

Интер останува трет со 47 поени, девет помалку од второпласираниот Наполи, и само два пред Милан, кој утре го пречекува Сасуоло. Каљари е на 14. место со 27 поени.

Фото: ЕПА

Scroll to Top