Костарика, репрезентацијата која го имаше најлошиот меч од првото коло при 0:7 поразот од Шпанија, се врати во игра за нокаут фазата со изненадувачка 1:0 победа над Јапонија за компликување на ситуацијата во групата Е, во која се и Германците.
Откако во првиот меч одбраната на репрезентацијата од Централна Америка беше речиси непостоечка, овојпат тие успеаја да ги издржат сите напади на Јапонците, кои имаа повеќе од играта и од шансите, за во 80. минута, Кејшер Фулер со малку среќа да го постигне победничкиот гол за големи три поени. Ова беше прв удар на голот на Костарика во текот на мечот, а Фулер покрај тоа е играч кој игра на позицијата на десен бек.
По оваа победа, Шпанија, Јапонија и Костарика имаат по 3 поени во групата, додека Германците пред вечерашниот клучен меч со Шпанија се без поени. Во последното коло, Костарика игра со Германија, додека Јапонците ќе се судрат со Шпанците. За потсетување, ако репрезентациите имаат идентичен број на поени за пласман ќе одлучува гол-разликата, каде што Костарика не се во најдобра позиција по седумте примени голови во првото коло.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк