Тренерот на Баерн Минхен, Нико Ковач тврди дека неговиот тим едноставно не може финансиски да биде на исто ниво со елитните европски клубови, посебно тие од Премиер лигата, бидејќи сумите кои се инвестираат се огромни.
Баерн загубија во осминафиналето на Лигата на шампионите првпат по речиси цела деценија од Ливерпул, а во исто време и Борусија Дортмунд и Шалке не поминаа понатаму. По 1:3 поразот во Минхен, Ковач се жалеше на парите кои Ливерпул ги потрошија и посочи дека финансиската сила на Премиер лигата треба да ги загрижи сите.
„Парите не секогаш победуваат во фудбалот, но Јирген Клоп потроши 500 милиони евра во последните четири години. Ние, како лидери во Бундеслигата не стигнавме дотаму. Тоа е огромна предност за нив. Мораме да продолжиме да планираме како клуб и да видиме што сакаме во следната сезона, но не смееме да се лажеме. Не е случајност што три германски клубови беа елиминирани од три англиски клубови. За најдобрите фудбалери е многу поисплатливо да играат во Премиер лигата. Единствено што можеме да направиме е да ги идентификуваме младите таленти порано“, вели Ковач.