Тренерот на Баерн Минхен, Нико Ковач смета дека Ливерпул се најтешкиот можен противник за неговиот тим во Лигата на шампионите, но тоа не значи дека Баварците нема да одат на позитивен резултат на „Енфилд“ во вторник.
„Црвените“ лани загубија во финалето од ЛШ од Реал Мадрид, а во моментов се на второто место во Премиер лигата, со ист број со Манчестер сити, но и натпревар помалку.
„Уште еднаш кажувам дека утре играме против најтешкиот противник кој можевме да го добиеме. Ако погледнете што Ливерпул направи лани во ЛШ и што прави оваа година во Премиер лигата, тогаш јасно е дека ждрепката е најлошата. Атмосферата ќе биде многу добра, меѓутоа моите фудбалери не се странци на вакви големи натпревари и мораме само да влеземе во натпреварот и да одиме на добар резултат. Сигурен сум во тоа“, вели Ковач.
Баерн исто така се втори во Бундеслигата зад стариот клуб на тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, Борусија Дортмунд. Но, Баерн имаат шест титули во низа од Бундеслигата, а лани загубија во полуфиналето од Реал Мадрид.
Фото: ЕПА