Со неделните мечеви заврши сезоната 2017/18 во шпанската Ла лига, одбележана со збогувања на две легенди на своите клубови – Андрес Иниеста со шампионот Барселона, и Фернандо Торес со шампионот од Лигата на Европа, Атлетико Мадрид.
Шампионот Барселона на „Ноу Камп“ го пречека Реал Сосиедад, и стигна до 1:0 победа благодарение на голот на Филип Кутињо, но секако сите очи беа вперени во Андрес Иниеста, легендата на клубот, кој заминува за Јапонија по крајот на сезоната.
Иниеста, кој играше со дрес со „превртена осумка“ (знак на бесконечност), беше повлечен од игра во 82. минута, добивајќи овации од преполниот храм на Блауграна.
The legend(Iniesta) is sub off for Alcacer #Infinit8Iniesta pic.twitter.com/WWxTh7yOQD
— FC BARCELONA’S WORLD (@LCuccittini) May 20, 2018
Претходно, Торес стави крај на својата кариера во Атлетико со стил, постигнувајќи два гола во последниот меч за клубот од детството при 2:2 ремито со Еибар. Торес, кој во средата го крена трофејот од ЛЕ по 3:0 победата над Марсеј, ја завршува кариерата со 129. гол за „јорганџиите“.
Атлетико веќе ја имаа обезбедено втората позиција во шампионатот.
Торес е идол на фановите на Атлетико, откако помина низ академијата на клубот пред да дебитира на 17 години во 2000/01, во „темните денови“ на клубот, кога беа во Сегунда дивизион.
Напаѓачот замина за Ливерпул во 2007 година, но се врати во клубот од детството во јануари 2015 година откако играше и за Челси и Милан. Во април тој објави дека заминува од Атлетико, а неговата следна дестинација уште не се знае.
Фото: ЕПА