Top Sport

Крај на сагата: Икарди во ПСЖ, откако потпиша нов договор со Интер

Сагата околу Мауро Икарди има крај достоен за јужно-американските серии. Човекот кого Антонио Конте и челниците на Интер го избришаа од клубот, кариерата ќе ја продолжи во Пари Сен Жермен.

Информацијата која ја лансираа од Италија доаѓа само неколку дена откако Икарди решил да го тужи клубот бидејќи не му било дозволено да присуствува на тактичките состаноци што пред секој меч тренерот ги има со играчите.

Интер и Пари Сен Жермен преговарале цела ноќ и на крајот постигнале договорот. Крајот на сагата е како во теле-новелите. Икарди најпрвин го продолжил договорот со Интер за уште една година. Интер инсистирале на ова бидејќи не сакале напаѓачот да биде врзан со договор само до 2020 година.

Пари Сен Жермен по завршувањето на сезоната ќе може да го откупат договорот на Икарди за 70 милиони евра, иако радиото Монте Карло тврди дека таква опција во договорот на клубовите не постои.

Радиото објави дека Икарди во 15 часот ќе пристигнел во Париз, а два часа подоцна ќе се појавел на лекарските прегледи.

Крај на сагата, Интер се ослободија од непожелниот играч, а Пари Сен Жермен донесоа квалитетен играч кој ќе надополни отсуството на повредените Единсон Кавани и Килијан Мбапе.

Инаку, Икарди е осмиот најдобар стрелец во историјата на Интер (124 гола). Пред шест години Интер на Сампдорија и платија 13 милиони евра за Аргентинецот.

Scroll to Top