Реал Мадрид постигнал голем напредок во разговорите со Монако за трансфер на играчот од средниот ред, Орелиен Чуамени. Според шпанскиот весник „АС“, преговорите меѓу двата клуба се одвиваат во позитивна насока и лидерот во Ла Лига е многу блиску до ангажман на еден од најголемите француски таленти.
Сепак, сè уште има несогласувања околу трансферната сума, а весникот сугерира дека таа на крајот би достигнала околу 65 милиони евра.
22-годишниот Чуамени игра како дефанзивен играч за врска и „кралскиот клуб“ го планира како идна замена за Кашемиро, доколку успее да го доведе на „Сантијаго Бернабеу“.
Оваа сезона, францускиот репрезентативец одигра 44 натпревари во сите натпреварувања и во дресот на Монако постигна три гола и две асистенции.