Кралот на Мароко, Мохамед Шести не се откажува така лесно, и нареди африканската држава и по шести пат да се кандидира за организација на Светското првенство, по неуспехот во кандидатурата за 2026.
Мароко загуби во гласањето во ФИФА за Мундијалот во 2026 година, кој припадна на комбинираната кандидатура на САД, Мексико и Канада.
„Пресреќен сум што неговото височество повторно направи одлука да бидеме дел од кандидатурата за 2030 година. Со ова покажуваме дека Мароко е земја на отвореност, толеранција и заеднички светски вредности. Фудбалот треба да биде мотор на социјален и економски развој“, вели Монсеф Белхајат, претседателот на кандидатурата за 2026 година.
Ова ќе биде шести обид на Мароко да го донесе најголемото фудбалско натпреварување на северозападот на Африка, по 1994, 1998, 2006, 2010 и 2026 година. Досега, само еден Мундијал се одржал во Африка, тој во Јужна Африка во 2010 година.