Шпанскиот селектор, Хулен Лопетеги ќе го преземе тимот на Реал Мадрид по крајот на Мундијалот како замена за супер-успешниот Зинедин Зидан, потврди актуелниот европски шампион.
По изненадувачката одлука на Зинедин Зидан да се повлече по освојувањето на третата титула од Лигата на шампионите во Киев, имаше многу имиња кои се поврзуваа со трансфер на „Бернабеу“, од Маурисио Почетино, Андре Вилјаш-Боаш, до Антонио Конте и дури Арсен Венгер.
Меѓутоа, „кралскиот клуб“ се реши за Лопетеги, домашно решение, иако тој прво ќе треба да ја заврши работата со Шпанија на Мундијалот во Русија.
„Реал Мадрид ЦФ потврдува дека Хулен Лопетеги ќе биде тренер на првиот тим во следните три сезони. Тој ќе се приклучи на тимот веднаш по Светското првенство, откако две години беше на чело на националниот тим“, се вели во соопштението на клубот.
Баскиецот Лопетеги има историја со „Лос бланкос“, откако беше тренер на нивниот Б-тим во 2008 и 2009 година. Тој ги помина речиси сите шпански селекции – од У-19, У-20 и У-21 репрезентацијата, по што беше тренер и во Порто, каде што беше отпуштен откако не успеа да ја освои титулата.
Лопетеги ќе се судри директно со Кристијано Роналдо во Русија, каде што Шпанија ќе игра со Португалија во првиот меч на Мундијалот во петок. По ова тој ќе има задача да го убеди Португалецот да остане во Реал.
Фото: ЕПА
Official Announcement: Julen Lopetegui will be the #RealMadrid coach after the celebration of the 2018 World Cup.https://t.co/QcDiu6UjHV pic.twitter.com/iA1PnUdrtT
— #CHAMP13NS ???? (@realmadriden) June 12, 2018