Top Sport

Велкоски и соиграчите „јадеа ќотек“ на тренинг од „Орди на злото“

Навивачката група на босанскиот фудбалски клуб Сараево – популарните „Орди на злото“ денеска претпладне го прекинаа тренингот на клубот и физички ги нападнаа играчите, па мораше полицијата да интервенира.

Дел од екипата на Сараево е и македонскиот фудбалски репрезентативец Крсте Велкоски, па според информациите, тој меѓу последните го напуштил тренинг центарот „Бутмир“ откако полицијата ги растерала навивачите.

Босанските медиуми информираат дека најлошо поминал Душан Хоџиќ, додека „поштедени“ биле голманот Владан Ковачевиќ, дефанзивците Амер Дуповац и Хрвоје Миличевиќ, како и Андреј Џокановиќ.

По нападот останува неизвесно дали ќе се одигра Купот на БиХ, во кој Сараево треба во среда во Зеница да ги одмери силите против новиот шампион, Борац од Бања Лука.

„Денес, пред закажаниот тренинг на првиот тим на ФК Сараево, во центарот „Бутмир“ упаднаа група млади, кои физички ги нападнаа играчите што беа таму во тоа време. Реакцијата на останатите присутни брзо стави крај на конфликтот без поголеми последици. Клубот остро го осудува чинот на упад и нападите врз играчите и ја информира јавноста дека ќе ги преземе сите законски и други чекори со цел да ги заштити играчите и другиот персонал. Поради нарушената безбедносна состојба, денешниот тренинг беше прекинат, а под знак прашалник беше и комплетниот тренажен процес на првотимците пред последниот натпревар од Купот на Босна и Херцеговина, кој е закажан за среда, 26. мај во Зеница. Раководството на ФК Сараево е свесно за незадоволството на навивачите поради конечниот резултат во рамките на Премиер лигата на Босна и Херцеговина, и разбира и поддржува секаков вид конструктивна критика, но хулиганството и физичката пресметка со никого не е дозволено“ – стои во соопштението од ФК Сараево.

По победата во претпоследното коло од Премиер лигата во Босна и Херцеговина, тимот на Борац официјално ја обезбеди втората шампионска титула во клупската историја. Навивачите наводно се бесни што Сараево успеа да „прокоцка“ 13 бодови преднпст пред ривалот.

Scroll to Top