Top Sport

Крсте Велкоски отстранет од тимот на Сараево: Се скарал со тренерот Васоски!

Македонскиот фудбалски интернационалец Крсте Велкоски, кој долг период беше и капитен на Сараево, е отстранет од првиот тим на босанскиот клуб. ФК Сараево излезе со официјално соопштение во кое ги објасни причините за ваквата одлука на управата.

Македонскиот фудбалер, како што велат, покажал непочитување кон тренерот Александар Васоски и соиграчите на полувремето од последниот натпревар против Борац (0-1). Тој реагирал недолично откако дознал дека Васоски ќе го остави во соблекувалната откако одигра лошо прво полувреме.

„Раководството на ФК Сараево ги известува навивачите и целата јавност дека против Крсто Велкоски е поведена дисциплинска постапка за кршење на клупската дисциплина. На почетокот на оваа сезона, фудбалерот беше вербално опоменет поради недисциплина и нарушување на атмосферата во тимот, а клубот реши и официјално да поведе постапка против него по натпреварот против Борац.

Велкоски на полувремето од натпреварот во Бања Лука реагираше недолично и изрази непочитување кон тренерот и соиграчите, откако дозна дека тренерот решил да направи промена и да го остави во соблекувалната. Овој гест не е соодветен за ниту еден фудбалер на ФК Сараево, а особено за капитен кој треба да биде пример за другите играчи.

Напаѓачот е отстранет од тренажниот процес на првиот тим на „Тренинг центарот Сараево“ во Бутмир, тој има обврска да тренира индивидуално и нема да биде во конкуренција за натпревари до дополнително известување.

Сезонава Велкоски забележа вкупно 24 настапи во сите натпреварувања, а единствениот гол го постигна во полуфиналето на Купот на БиХ против Игман“, се наведува во соопштението на ФК Сараево.

Scroll to Top