Top Sport

Ксавиер Мбуиамба, новиот Ван Дајк е блиску до „Стемфорд Бриџ“

Англиските медиуми пишуваат дека 18-годишниот холандски фудбалски дефанзивец, Ксавиер Мбуиамба кој минатата сезона настапуваше за младата екипа на Барселона од лето ќе стане играч на Челси.

Агентот на младиот играч, Карлос Барос вели дека има повеќе заинтересирани клубови – Реал Мадрид, Јувентус и Интер, но Челси се чини најсериозниот кандидат.

На Островот младиот играч го споредуваат со Ван Дајк (Ливерпул), а неговите добри игри во татковината беа препорака Барселона да го доведе во својот млад тим.

Мбуиамба и тогаш беше на чекор до Челси, тој одработи неколку тренинзи во Лондон, но откако УЕФА на „сините“ им забрани да купуваат играчи, во приказната се вклучи Барса.

„Сакав во Челси, први дојдоа до мене и покажаа дека ме ценат, но поради забраната за трансфери, не можеа да ми понудат договор. Тогаш одлучив за Барселона“ вели младиот Холанѓанец.

Висок е 195 сантиметри, добро е технички поткован, а еднакво добро може да игра и на десната бековска позиција и на средината на дефанзивата.

Оние кои ја следат неговата игра сметаат дека одличен е „еден на еден“, има одличен преглед на играта, а има и ментална зрелост за годините.

Scroll to Top