Во четири меча во Ла лига, Меси има постигнато само еден гол, пенал при 4:0 победата над Вилјареал минатиот месец и нема ниту една асистенција, а има и создадено само шест шанси, далеку зад лидерот во лигата, Давид Фереиро со дури 22. Пред првиот меч од Лигата на шампионите против унгарскиот Ференцварош, тренерот вели дека е задоволен од неговото залагање и дека подобрата форма ќе дојде.
„Секогаш има притисок да се победи како фудбалер и тренер на Барселона. Ја знаеме ситуацијата на клубот, има работи надвор од теренот на кои не можеме да влијаеме. Но, можеме да работиме со тоа што го имаме и да одиме меч по меч. Формата на Меси може да биде подобра во моментов, но тој е среќен, тренира добро, фокусиран е и сака да биде капитен и лидер на тимот. Не се жалам и не сум загрижен бидејќи имаме постигнато осум гола во четири меча, што малку тимови го имаат. Против тимови како Севилја и Хетафе не е лесно да се креираат шанси“, вели Куман.