Top Sport

Куман сериозно смета на Гризман

Роналд Куман, новиот тренер на Барселона, проговорил за статусот што кај него ќе го има Антоан Гризман и ги критикувал своите претходници, Ернесто Валверде и Кике Сетиен, за позицијата на која што го форсирале Френки де Јонг.

Гризман минатото лето од Атлетико се пресели во Барселона за 120.000.000 евра. Францускиот напаѓач зад себе има лоша сезона, на 35 натпревари во Ла Лига постигна само девет голови, што е најслаб учинок за него уште од сезоната 2011/2012 кога играше во Реал Сосиедад.

„Со должна почит Гризман не е крилен напаѓач. Треба да игра на позицијата на која што играл целата своја кариера и каде што е најдобар. Мислам дека најважно за тренерот е да ги познава своите играчи, а тоа го покажува што ќе ги стави да играат на природните позиции“, рекол Куман.

Новиот тренер на Барселона рекол дека Де Јонг во класичната формација 4-3-3 не може да биде централен играч во редот за врска.

„Френки ќе игра на позицијата на која играше во Ајакс. Еден ден гледав меч на Барселона и видов дека игра на позиција на која јас никогаш не би го ставил. Кога инвестирате толку многу пари во еден фудбалер, тогаш мора да го ставите на неговата позиција, таму каде што се очекува да биде најпродуктивен. Мислам дека Френки покажа и во Ајакс и во репрезентацијата кое место најмногу му одговара“, заклучил Куман.

Scroll to Top