Средата навечер беше време за промени во тимот на Челси, откако тие прво потврдија дека Тибо Куртоа заминува во Реал Мадрид, а дека Матео Ковачиќ доаѓа од шпанскиот гигант, за неколку часа подоцна да објават дека голманот на Атлетик Билбао, Кепа доаѓа како замена за Куртоа.
Како што е „редот“, Куртоа објави порака со која се збогува со навивачите на Челси на социјалните мрежи, покажувајќи благодарност за поддршката која ја добивал.
„Челси секогаш ќе има посебно место во моето срце и сакам да се заблагодарам на навивачите за огромната поддршка во текот на годините. Се надевам дека сфаќате дека желбата да бидам поблиску до моите деца влијаеше на одлуката“, пишува меѓу другото Куртоа.
Меѓутоа, ова не наиде на добар одзив на навивачите на Челси, кои го бомбардираа голманот со обвинувања и со грозни постови, по што Белгиецот реагираше со бришење на пораката. Малку е да се каже дека оваа разделба помина лошо.