Top Sport

Куртоа со изјавата за „вистинската страна на историјата“ стана омразен лик во Атлетико

Навивачите на Атлетико Мадрид, капитенот Коке, газдата на клубот Енрико Серезо, но и градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинез-Алмеида се „свртеа“ против голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа, кој по победата над Ливерпул во неделното финале на ЛШ изјави дека бил на „вистинската страна на историјата“.

Оваа изјава доаѓа откако Куртоа оигра три сезони како позајмен фудбалер од Челси во Атлетико, освојувајќи титула од Ла лига (2014) и од Лига Европа (2012), но и беше дел од тимот кој беше поразен од Реал Мадрид во финалето на ЛШ во Лисабон со 4:1 попродолженија.

Градоначалникот, Мартинез-Алмеида, кој е голем навивач на Атлетико не можеше да остане без коментар.

„На добрата страна на историјата, а плачеше со нас во Лисабон“, изјави градоначалникот.

Газдата Серезо пак, на барањата на навивачите да се отстрани плочката со неговото име на „Ванда Метрополитано“ им порача на фановите да одат со „секира и копач“ и да ја завршат работата. Без изненадување, некој од навивачите на клубот го направи токму тоа, по што Белгиецот реагираше на социјалните мрежи со нова провокација – фотографија со трофејот од ЛШ и порака: „Хала Мадрид“.

Капитенот Коке, кој беше и цимер со голманот, вели дека мора да се почитува сопствената историја.

„Лично, имам добри односи со него, бидејќи бевме цимери. Но, мое мислење е дека тој згреши. Мораш да се сеќаваш од каде си пристигнал. Но, тоа се негови зборови и мора да се почитуваат. Но, нормална и е реакцијата на навивачите на Атлети“, посочува Коке.

Scroll to Top