Менаџерот на Челси, Френк Лампард инсистира дека заслужил да стане тренер на Челси откако напаѓачот на Манчестер сити, Рахим Стерлинг го посочи него и Стивен Џерард како примери во кои на белите поранешни фудбалери им се дава шанса да направат тренерска кариера во споредба со некои црни тренери, како Сол Кемпбел и Енди Кол
Лампард вели дека го почитува Стерлинг за тоа што зборува за расизмот во фудбалот и британското општество, но додава дека работел напорно за да добие шанса.
„Можностите треба да бидат еднакви за сите, но тука се и деталите како напорната работа да стигнеш до целта. Јас работев од почетокот на мојата кариера да добијам ваква шанса и на тој пат има милион работи кои може да те сопрат. Мислам дека Рахим малку згреши со споредбата, која се направи однадвор. Можете да ме споредувате мене, Стеивен, Сол Кемпбел и Ешли Кол, но кога ги немате деталите за сечиј пат, не е фер“, вели Лампард пред Сити да гостува на „Стемфорд бриџ“.
Лампард, сепак, го пофали Стерлинг за неговиот активизам.
„Тоа за што Рахим беше храбар да зборува последните две години сега станува појасно и мора да му се честита. Тоа може да се каже и за други фудбалери од Премиер лигата како Маркус Рашфорд, Џордан Хендерсон, Трој Дини, Марк Нобл“, додава Лампард.