Пред нешто помалку од една година Маркос Алонсо (32) од Челзи како слободен играч се пресели во Барселона. Левиот бек го напушти Челзи по шест години, 212 натпревари, 29 гола, 23 асистенции. Со „сините“ го освои сите трофеи во клупскиот фудбал. Каталонците објавија дека тој потпишал за нив до крајот на сезоната со откупна клаузула од 50 милиони евра.
И покрај тоа што е дете на Реал Мадрид и што неговиот дедо и татко го носе дресот на најголемиот ривал на Каталонците, Маркос Алонсо по секоја цена сакаше да стане играч на Барселона.
Два месеци чекаше за да може да биде регистриран, поради финансиските проблеми со кои се соочува Барселона.
Сепак, Алонсо, не успеа да се снајде во системот на тренерот Чави. За да може да ангажира други играчи Чави му порачал на Алонсо дека може да бара друг клуб. Наводно, клубот му поставил ултиматум, доколку не замине ќе се пресели на трибините.
Маркос Алонсо е роден во Мадрид, 11 години беше во Реал и забележа еден настап за првиот тим пред да ја напушти татковината во 2010 година, во која се врати лани. Надвор од Шпанија се етаблираше како елитен играч во Болтон, Фиорентина и Челзи.
Маркос Алонсо е внук и син на познати фудбалери со исто име. Дедото започна како дефанзивец во Расинг и се пресели во Реал, со кого освои пет шпански и европски титули од 1954 до 1962 година.
Таткото играше на крилните позиции, а започна во Реал, од каде што се пресели во Атлетико, но најзабележителен беше во Барселона, каде што играше од 1982 до 1987 година и освои една шпанска титула.
И двајцата беа шпански репрезентативци, а кога третиот Маркос Алонсо дебитираше за националниот тим пред четири години, династијата стана прва во историјата на оваа земја со три генерации репрезентативци.