Дефанзивецот на Манчестер Сити, 26-годишниот Емерик Лапорт одлучи да игра за шпанската фудбалска репрезентација. Иако тој ги помина сите младински категории во француската репрезентација, никогаш не дебитирал за А-селекцијата. Поради баскиските корени има право на настап за „Фуријата“.
Уште пред 5 години Лапорт се поврзуваше со настап за Шпанија, но тогаш порача дека сака да игра за Франција. Доби повик за натпреварите на Франција против Бугарија и Холандија во квалификациите за СП во 2018 година, но не доби прилика за настап.
Три години подоцна е повикан за настап против Албанија, односно Андора, но се повреди.
Потоа веќе не беше во планот на селекторот Дидие Дешам, па сега екс-фудбалерот на Атлетик Билбао реши да настапува за Шпанија.
За 10 дена шпанскиот селектор Луис Енрике ќе го објави списокот со репрезентативци на кои ќе смета на ЕП, а на него, според информациите, ќе има место и за стоперот на Сити.
Оваа сезона Лапорт одигра 27 меча за „граѓаните“, а „Transfermarkt“ неговата фудбалска вредност ја проценува на 50 милиони евра.