Претседателот на Барселона, Жоан Лапрота вели дека не жали што дозволил Лионел Меси да замине во Пари Сен-Жермен во текот на летото, бидејќи „никој не е над клубот“.
Легендарниот Аргентинец замина од клубот откако Барселона не успеа да најде простор во нивниот буџет за да му го обнови договорот и да ги испочитува правилата на шпанската Ла лига, ставајќи крај на верноста на клубот која траеше децении.
Многу критичари сметаа дека двете страни можеа да направат повеќе за да се реализира договорот (иако Меси се согласи на 50 отсто намалување на плата), а зачуди што веќе во јануари Барселона дадоа 50-тина милиони евра да го донесат Феран Торес од Манчестер сити. Лапорта инсистира дека реагирал за доброто на клубот.
„Заминувањето на Меси? Тоа беше најтешката одлука која ја направив. Не сакав да ја направам, бидејќи Меси е најдобриот играч во историјата, но таква беше ситуацијата. Морав да направам таква одлука и не жалам. Никој не е над клубот. Со состојбата со Меси ја сфативме нашата реалност. Но, историјата на Барселона продолжува и со напорна работа и вистински одлуки ќе се вратиме на успесите. Го правиме тоа во моментов“, изјави Лапорта за клупската телевизија.