Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта на презентацијата на Роберт Левандовски се пофали дека во клубот влегле фантастични 868 милиони евра во последните два месеци, тврдејќи дека сите нови засилувања без проблем ќе бидат регистрирани и покрај финансиската криза во која се наоѓа клубот.
Барселона, која оваа пролет откри дека долговите на клубот надминуваат милијарда евра, е еден од најактивните клубови на летниот пазар на играчи, трошејќи милиони евра на засилувања. Лапорта открива дека поради финансиските мерки кои биле преземени, како продажбата на дел од ТВ-правата од Ла лига и речиси половина од „Барса Студиос“ се мерки за иднината.
„Работевме да ги регистрираме сите засилувања и да ги исполниме побарувањата на Ла лига. Ако е потребно ќе направиме и други операции, и сега чекаме на одлуката на лигата. Сигурни сме дека нема да има проблеми. Градиме силен тим, добро го издржавме притисокот и продолжуваме со работа. Продажбата на дополнителни 25 отсто од ‘Барса Студиос’ останува планирана поради можните несогласувања со Ла лига. Барса внесе во клубот 868 милиони евра во последните два месеци и финансиски сме стабилни. Излеговме од болница, и секој ден сме подобри“, вели Лапорта.
Интересно презентацијата на Левандовски доаѓа точно една година откако Лионел Меси беше приморан да замине од клубот бидејќи Барселона не можеше да го регистрира.
„Денеска е историски ден за Барса, бидејќи сме горди што фудбалер од категоријата на Левандовски сакаше да дојде. Тоа значи дека сме на добар пат. Гледате на пазарот дека многу фудбалери сакаат да дојдат во Барселона. Пред една година моравме да имаме непријатна одлука поради ситуацијата во клубот. Сега, една година подоцна нправен е пресвртот“, додава Лапорта.