Ромелу Лукаку само вторпат во својата кариера постигна над 20 гола во една лигашка сезона (претходно со Евертон 25 во 2016/17), но тоа не беше доволно Интер да стигне до победа над Болоња, откако гостите во луд финиш стигнаа до 2:1 триумф.
Лукаку во 22. минута се најде во совршена позиција откако по нафрлањето на Ешли Јанг, Лаутаро Мартинез ја погоди стативата и донесе водство за „нераѕурите“. Проблемите на Болоња се зголемија откако прво во 57. минута Роберто Соријано доби директен црвен картон, за само пет минути подоцна да биде досуден пенал за домаќините.
Меѓутоа, Мартинез од белата точка не се снајде најдобро и ја упати топката директно во голманот Лукаш Скорупски. По ова следуваше казната во 74. минута, кога по ударот на Муса Џувара, Хандановиќ имаше лоша реакција.
Алесандро Бастони во 77. минута доби втор жолт картон за да ја врати рамнотежата на теренот, пред Муса Бароу во 80. минута по еден супер-контранапад на гостите да обезбеди победа за тимот на Синиша Михајловиќ.
Интер останува на третото место на табелата со 64 поени, четири пред Аталанта, и дури 11 зад лидерот Јувентус. Болоња е на деветтото место со 41 поен.