„Виси“ веќе договорениот трансфер на Лазар Самарџиќ во Интер. И покрај тоа што во четвртокот Самарџиќ успешно ги мина медицинските тестови, Интер се повлече од преговорите, поради алчноста на таткото на фудбалерот, Вујадин.
Лазар Самарџиќ нема да дозволи да му пропадне веќе договорениот трансфер во Интер. Челниците на вице-првакот на Европа, ги стопираа преговорите, кога таткото на фудбалерот и луѓето околу него сакале да сменат одредени делови во договорот. Во превод барале поголема провизија.
За потсетување, сите детали околу трансферот ги договори Рафаела Пимента, која ја води менаџерската агенција на покојниот Мино Рајола.
Новинарот Џанлука Ди Марцио пишува дека Самарџиќ решил да остане во Милано и со тоа јасно ставил до знаење дека сака трансферот да биде комплетиран и дека сака да биде играч во тимот предводен од Симоне Инзаги.
Во следните два-три дена треба да биде официјализиран договорот.
Самарџиќ е роден во Берлин, а за Удинезе игра од 2021 година кога дојде од Херта. За српската репрезентација одигра два натпревари.