Top Sport

ЛЕ: ПСВ му го нанесе првиот пораз на Арсенал, Фенербахче се спаси од пораз

Холандскиот претставник ПСВ Ајндховен му се реваншираше на Арсенал за поразот во Лондон и го совлада со 2:0 во петтото коло од групата А во Лига Европа. Џои Верман и Лук де Јонг беа стрелци на головите за ПСВ. Сепак, Арсенал и понатаму е на првата позиција со 12 бода, два повеќе од ПСВ.

Фенербахче избегна пораз од Рен (3:3) и се уште има шанса директно да се пласира во осмина-финалето. Гуири во петтата минута најави триумф за гостите, Териер зголеми на 0:2, а третиот гол повторно беше дело на Гуири. Енер Валенсија намали пред полувремето, а Езгјан Алиоски доби шанса за настап во 61.минута. Миха Зајц во 82.минута погоди за 2:3, а Емре Мор го израмни резултатот во 89.минута.

Педро беше човек на одлука во триумфот (2:1) на Лацио на „Олимпико“ против Митјиланд. Гостите поведоа со голот на Густав Исаксен во осмата минута, а израмни Сергеј Милинковиќ-Савиќ. Во вториот дел шанса доби Педро и го реши натпреварот со погодокот во 58.минута.

АЕК Ларнака без Иван Тричковски, ремизираше 3:3 против Динамо Киев. Бетис го победи Лудогорец со 0:1, со голот на Набил Фекир, а Унион Берлин ја совлада Брага со 1:0. Стрелец на победоносниот гол беше Робин Ноче од пенал.

Scroll to Top