Македонскиот шампион Шкендија не успеа да се пласира во натпреварите по групи во Лига Европа, откако пропушти неверојатна шанса да го „нокаутира“ норвешкиот Розенборг на „Филип Втори“ во Скопје.
Тетовци од Норвешка пристигнаа со пораз од 3:1 во првиот натпревар, така што им требаше „чиста“ победа од 2:0 за пласман понатаму и беа во совршена шанса да го направат тоа, откако двапати им беше досуден пенал, но Бесарт Ибраими и Изаир Емини не беа прецизни од белата точка.
Прв шанса да донесе водство за тетовци имаше Ибраими во 20. минута, кога неговиот удар од белата точка заврши во дирекот! Офанзивата на Шкендија продолжи, но прво Емини, а потоа и Тотре немаа среќа. Во 49. минута, дојде редот на Емини да биде „трагичар“, откако неговиот удар од белата точка заврши во рацете на голманот Андре Хансен.
Наместо победа и пласман во ЛЕ, за Шкендија следуваше шок и Евен Ховланд во 69. минута донесе водство за гостите. Региниусен во 84. минута само „стави сол на раната“ со уште еден гол за убедлива, но незаслужена победа на Норвежаните.
Пласман во ЛЕ нема ниту за српскиот Партизан, по тешкиот 3:0 пораз на гостувањето кај Бешикташ благодарение на двата гола на португалскиот ветеран Пепе. Првиот меч во Белград заврши 1:1.
ЛИГА ЕВРОПА, БАРАЖ, ВТОР НАТПРЕВАР
Шкендија (Мкд) – Розенборг (Нор) 0:2, прв натпревар 1:3, вкупно 1:5
Бешикташ (Тур) – Партизан (Срб) 3:0, прв натпревар 1:1, вкупно 4:1
Фото: ЕПА
ЛЕ: Тричко со три асистенции, АЕК Ларнака во Лига Европа (видео)
ЛЕ: Дуделанж е првиот клуб од Луксембург во Лига Европа, Аталанта испадна на пенали! (видео)