Најстариот професионален фудбалер на светот се враќа на европскиот континент, овој пат во Португалија. Иако има 55 години, легендарниот јапонски играч Казојуши Мијура не планира да се пензионира.
Мијура, моментално настапува за јапонскиот второлигаш Јокохама, но како што сега стојат работите повторно ќе замине во Европа. Порталот „Никан Спорт“, наведува дека Мијура ќе потпише договор со португалскиот второлигаш Оливериенсе.
Овој тим се наоѓа на 14. место во втората португалска лига, а сопственикот на сегашниот тим на Мијура Јокохама има удел и во Оливериенсе. Мијура претходно изјави дека сака да игра до 60 години, додавајќи дека се чувствува исклучително добро.
Мијура пред 23 години беше во Европа, играше за Динамо Загреб, а беше и во Бразил и Австралија. За јапонската репрезентација забележа 89 настапи и постигна 55 гола.