Њукасл јунајтед доживеа вистинска катастрофа на „Кинг Пауер стадионот“, откако Лестер не покажа милост и со 5:0 го совлада тимот кој поголемиот дел од мечот го играше со играч помалку.
Рикардо Переира ги донесе „лисиците“ во водство во 16. минута од мечот, но клучниот момент се случи во 43. минута, кога Исак Хајден доби директен црвен картон за еден груб старт, оставајќи ги гостите со играч помалку.
Лестер го искористи ова до максимум во второто полувреме – Џејми Варди во 54. минута зголеми на 2:0, а Пол Дамет само три минути подоцна си постигна автогол за 3:0. До крајот на мечот, Варди во 64. минута го постигна вториот гол, а Ндиди во 90. минута ги „дотолчи“ гостите.
Лестер со победата се искачи на третото место во Премиер лигата со 14 поени, седум помалку од Ливерпул, додека на Њукасл не му се пишува добро – тие се претпоследни со само 5 освоени поени.