Сите надежи на премиерлигашките ривали дека Лестер ќе продолжи да „паѓа“ во форма во пролетниот дел од Премиер лигата беа уништени, откако момците на Брендан Роџерс со 4:0 ја растурија Астон вила, ставајќи крај на лошата низа од четири меча без победа (два порази и две ремија).
Во исто време, надежите на Астон вила дека ќе успеат да опстанат во Премиер лигата во повратничката сезона ќе мора да ги бараат на друго место, бидејќи на „Кинг Пауер“ едноставно беа декласирани.
Харви Барнс во 40. минута го „проби“ бункерот на Вила за водство на „лисиците“, а во 63. минута, Џејми Варди зголеми на 2:0 од пенал. Варди во 79. минута зголеми на 3:0, пред Барнс да ја заврши работата во 85. минута со втор гол. Ова беа први голови за Варди во 2020 година, меѓутоа тој уште е најдобриот стрелец во Премиер лигата со 19 голови во 25 меча.
Лестер остануваат трети со 53 поени, четири помалку од Манчестер сити на второто место, и позначајно пет пред Челси на четвртата позиција и осум пред Манчестер јунајтед на петтото место. Вила пак, останува претпоследна со 25 поени, два помалку од безбедната зона и четири пред фенерџијата Норич.