Германскиот селектор Јоаким Лев не бараше оправдувања и призна дека неговиот тим играл „многу лошо“ во 1:0 поразот од Мексико, по што ќе имаат предизвик да се вратат на вистински пат во одбраната на титулата.
Мексико долго време ги држеше Германците под „опсада“, посебно во првото полувреме и ги остави „маншафт“ да бркаат победа со Шведска во следниот меч, каде што ќе мораат да бидат многу подобри.
„Секако дека е разочарувачки да се загуби првиот меч, посебно бидејќи тоа е ситуација на која не сме навикнати. Секогаш ќе има пречки кои мораат да се надминат и мораме да бидеме многу подобри. Во првото полувреме игравме многу лошо, не успеавме да се наметнеме и да го играме нашиот стил. Им дозволивме многу контра-напади и моравме бргу да се враќаме назад. Сите сме несреќни, но утре е нов ден и мораме да одиме напред“, вели Лев.
Бидејќи првото место во групата Ф сега изгледа далеку, Германија може да се соочи со дуел со Бразил веќе во осминафиналето, но Лев не сака да размислува за тоа.
„Не размислувам така, бидејќи не е важно кој е противникот. Прво мораме да ги победиме Шведска. Осминафиналето? Кој мисли на тоа сега“, вели Лев.
Фото: ЕПА