Top Sport

Левандовски бара врвни засилувања

Роберт Левандовски на клупските челници им порачал дека мора да донесат уште неколку засилувања доколку сакаат Баерн да биде конкурентен во Лигата на шампионите. Претходно слична порака испратија и голманот Мануел Нојер и репрезентативецот Џошуа Кимих.

Баерн, досега во преодниот рок донесе само двајца играчи Лукас Ернандес од Атлетико Мадрид и Бенжаман Павар од Штутгарт. Тренерот Нико Ковач ја комплетира одбраната, односно ѕидот пред Нојер, но спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ го очекува уште многу работа.

Ариејан Робен и Франк Рибери заминаа од Баерн, а клубот се уште не ангажирал ниту едно засилување на нивните места.

„Потребни ни се засилувања. Ќе биде тешко да се освои Лигата на шампионите доколку не донесеме квалитетни засилувања. За да играте на високо ниво потребен ви е квалитетен и силен тим. Во последните две години Баерн не донесе ниту едно големо засилување“, рекол Левандовски во Лос Анџелес.

Полскиот репрезентативец има договор со Баерн до 2021 година, а клупските челници ги започнале преговорите со неговиот менаџер околу новиот договор.

Scroll to Top