Роберт Левандовски вели дека е „отворен“ за идеи за тоа каде ќе ја продолжи кариерата по новите шпекулации дека ова лето ќе побара трансфер од Баерн Минхен, иако додава дека му се допаѓа кај баварскиот гигант.
32-годишниот ветеран подолго време е поврзуван со повеќе клубови од Италија и Шпанија, но вели дека е среќен во Германија и дека нема да „притиска“ за трансфер.
„Останувам отворен за трансфер и за мојата иднина. Се чувствувам одлично во Баерн, градот е фантастичен, клубот е нависитна голем. Секогаш сум сакал да научам нов јазик, нова култура, но дали тоа ќе биде додека сум фудбалер или подоцна, ќе видиме“, изјави Левандовски за „Канал плус“.
Баерн имаше успешна домашна сезона, освојувајќи ја Бундеслигата деветти пат едноподруго, но во четврт-финалето од Лигата на шампионите загубија од ПСЖ. Левандовски ги пропушти двата меча поради повреда на коленото.
„Болката против ПСЖ беше повеќе од физичка. Чувствуваш беспомошност, слабост, невозможност да помогнеш на твоите соиграчи. Тоа ми пречеше. Да бев на теренот, можеби ќе беше поинаку и тешко ми падна тој пораз“, признава Полјакот.