Top Sport

Лига на шампиони: Сефте за Тотенхем или шести трофеј за Ливерпул

По 124 одиграни натпревари стигнавме до крајот на сезоната во европскиот клупски фудбал. Пред нас е финалето во Лигата на шампионите, на „Ванда Метрополитано“ во Мадрид ќе се сретнат англиските тимови Ливерпул и Тотенхем.

Откако Челси во средата го декласираше Арсенал и ја освои Лига Европа, Ливерпул и Тотенхем в сабота ќе ги заокружат „англиските денови“ во европските купови.

Прв пат во историјата на Ликата и Купот на шампионите, односно Купот на УЕФА и Лига Европа во финалињата четирите екипи доаѓаат од иста земја, а три од нив се од ист град, Лондон.

За Ливерпул ова е деветтото, а за Тотенхем прво финале во елитното натпреварување. Во досегашните осум финални мечеви „црвените“ забележале пет победи. Ливерпул последната титула ја освоиле во 2005 година, а последното финале го играле лани кога беа поразени од Реал Мадрид.

Ливерпул низ историјата имаат и три победи во Купот на УЕФА, додека Тотенхем два пати го освојувале Купот на УЕФА, а еднаш Купот на победниците на куповите.

Тотенхем имаат можност да станат петтиот клуб што успеал да ги освои трите европски купа. До сега тоа им успеало на Челси, Ајакс, Јувентус и Баерн Минхен.

Финалето е последна шанса за „црвените“ сезоната да ја завршат со трофеј. Во ФА и Лига купот испаднаа во третото коло, додека во Премиер лигата завршија на второто место. Тотенхем во првенството завршија на четвртото место, во Лига купот стигнаа до полу-финалето, а во ФА купот испаднаа во четвртата рунда.

Пресметката во Мадрид ќе биде четврта помеѓу тимови од Англија во натпреварувањата што ги организира УЕФА.

Во 1972 година Тотенхем во финалето на Купот на УЕФА го победија Вулверхемптон, во 2008 година Манчестер Јунајтед против Челси ја освоија Лигата на шампионите, а пред неколку дена во Баку, Челси преку Арсенал стигнаа до трофејот во Лига Европа.

Тотенхем е 40 клуб што стигнал до финалето.

Досега Тотенхем и Ливерпул имаат одиграно 170 меѓусебни дуели. Ливерпул се поуспешни со 79 победи, Тотенхем имаат 48 победи, а 43 натпревари завршиле без победник.

Во европските купови се сретнале само еднаш, во полу-финалето во Купот на УЕФА во 1973 година, во два натпревари поуспешен бил Ливерпул.

Можни состави:

Тотенхем: Љорис – Трипе, Алдервирелд, Фертонген, Роуз – Вингс, Сисоко – Ериксен, Дел Али, Сон – Кејн

Ливерпул: Алисон – Александер-Алрнолд, Матип, Ван Дајк, Робертсон – Фабињо, Хендерсон, Вајналдум – Салах, Фирмино, Мане.

Scroll to Top