Top Sport

Вардар во Келн ја посакува втората европска титула

Очите на македонската јавност денес ќе бидат вперени во Келн каде што започнува завршниот турнир во Лигата на шампионите во ракомет. Ракометарите на Вардар ќе се обидат да го повторат подвигот од 2017 година кога во Скопје се вратија со трофејот наменет за победникот.

Вардар, Барселона, Кјлеце и Веспрем се учесници на заврниот турнир, секој од нив со своја математика како да дојде до трофејот.

Ждрепката ги спои Вардар и Барселона, исто како и во 2017 година, кога „црвено-црните“ со голот на Циндриќ во последната секунда изборија пласман во финалето.

Ракометарите на Вардар посакуваат да се повтори 2017 година и тогаш како и сега тие на турнирот дојдоа како најголеми аутсајдери, а замина со вредниот пехар.

Игор Карачиќ е играч што е најдолго во Вардар, играше на сите досегашни Ф4 настапи.

„Сето ова ме потсетува на 2017 година. Дојдовме во Келн без притисок, сакаме на сите да им ги замрсиме сметките. Тоа ни успеа пред две години. Лани дојдовме освојувачки и имавме премногу притисок. Се радувам на овој Ф4. Немаме што да загуиме. Играме според мене најдобриот тим не само во Европа туку и во светот. Сепак, годинава Вардар покажа дека има карактер и срце и дека се враќа од тешки ситуации. Ќе дадеме сè од себе за да ја совладаме Барселона. Ова ни е трета година, а знаеме дека што е поголемо искуството. Секој има 25 проценти шанса за титулата. Ќе дадеме се од себе за да дојдеме до успех”, вели Игор Карачиќ.

Капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов во својот прв коментар пред утрешната пресметка со Барселона ја префрли улогата фаворит на противникот.

„Третпат по ред сме тука. Не сме фаворити туку играме против најголемиот фаворит на годинешниот Ф4, Барселона. Овој тим имаше одлична сезона. Сепак, тука во Келн годинава сите имаат свои шанси. Се работи за еден натпревар, никој не може да знае како ќе отвориме и сè може да се случи на терен, вели Стојанче Стоилов.

Натпреварот ќе започне во 18 часот, откако претходно својот меч ќе го одиграат Веспрем и Кјелце.

foto/rkvardar.mk

Scroll to Top