Top Sport

Лингард: Роналдо беше во право, Јунајтед заостануваат зад врвните клубови

Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Џеси Лингард се согласува со Кристијано Роналдо дека состојбата кај „ѓаволите“ не е идеална, и дека клубот според условите за тренинг и другите активности далеку заостанува зад врвните англиски и еврпски клубови.

Лингард си замина од Јунајтед во текот на летото кога му заврши договорот со „ѓаволите“ и потпиша за Нотингем форест, по што неколку пати признаваше дека е целосно разочаран од начинот на кој си заминал. Роналдо, пак, си замина во ноември по бурното интервју со Пирс Морган и критиките кои ги упати кон клубот, оценувајќи дека клубот се претворил во „маркетинг клуб“. Лингард се согласува.

„Тие заостануваат во речиси секој сегмент. Видете ги условите и објектите на Манчестер сити, на Тотенхем. Тие се години пред Јунајтед. Дури и од страна на социјалните мрежи. Уште во 2017 година им кажав да направат Јутјуб канал и да се приклучат на тековните работи во светот. Морате да останете релевантни. Исто така во клубот нема контрола. Кога Фергусон беше таму, тој ја имаше целосната контрола. Вистинска тврдина – сите работи одеа преку него. Договорите, комерцијалните договори… Секако, генерациите се менуваат, играчите растат и луѓето сакаат да имаат свој глас. Кога работите кои ги кажуваат за тебе не се вистински, сакате да го кажете своето мислење. Тоа не можеше да се случи порано, Сер Алекс ќе го задушеше тоа. Но, сега, луѓето имаат платформи да го кажат своето мислење“, вели Лингард.

Scroll to Top