Лион ја освои својата седма титула од Лигата на шампиони, и петта во низа, откако со 3:1 ги совладаа Волфсбург во финалето во Сан Себастијан, Шпанија.
„Лавиците“ покажаа дека го имаат убедливо најдобриот женски фудбалски тим во историјата, одбранувајќи ја титулата на фајнал ејт турнирот во Шпанија, каде што претходно ги победија и француските ривалки од Пари Сен-Жермен и Баерн Минхен.
Ежени Ле Сомер во 25. минута и Јапонката Саки Кумагаи во 44. минута им дадоа на Лион 2:0 водство на полувреме, пред Волфсбург да се врати во игра во 58. минута со голот на Александра Поп. Сара Бјорк Гунарсдотир во 88. минута стави печат на победата.
Лион сега има седум титули од Лигата на шампионите, со што се убедливо најдобар тим – Франкфурт имаат четири титули, а Волфсбург, шведскиот Умеа и германскиот Турбине имаат по два трофеи.