Поранешниот италијански селектор, Марчело Липи вели дека принудната изолација поради корона вирусот ја искористил да ги гледа натпреварите од Светското првенство во 2006 и финалето во кое Италија ја совлада Франција и повторно е шокиран од Зинедин Зидан и неговото удирање со глава на Марко Матераци.
Фудбалскиот тренерски џентлмен зборуваше за „Раи радио уно“ од неговиот дом во Вијареџо, каде што е во самоизолација.
„Ги изгледав сите натпревари од Светското првенство во 2006 и потоа сите финалиња во кои бев тренер. Имав доста, некои несреќни, но самото финале е голем успех во кариерата. Поразот поради кој имам горчлив вкус во устата беше финалето на ЛШ во 2003 кога загубивме на пенали од Милан. СП 2006? Бев шокиран од однесувањето на Зидан. Работев со него во Јувентус и знам за каква неверојатна личност се работи, навистина скромна и интелигентна“, вели Липи.
Тоа финале заврши 1:1 по продолженијата, по што Италијанците ги постигнаа сите пет обиди од белата точка, со Фабио Гросо како последен стрелец.
„Го изгледав тој меч 20 пати и секојпат сум емотивен. Го избрав Гросо за последен на пеналите бидејќи најдобрите стрелци на пенали беа пред него, а се потсетив дек Гросо даде пенал против Австралија и даде гол против Германија. Му кажав: ’Ти си мојот човек за последна минута, затоа за тебе ќе биде последниот пенал’. Не му се веруваше“, додава Липи.