Top Sport

Ливерпул ги „излажаа“ Челси со продажбата на Торес за 50 милиони фунти

Во Ливерпул знаеле дека ги „излажале“ Челси со продажбата на Фернандо Торес за тогашни рекордни 50 милиони фунти, и сите фудбалери биле шокирани од сумата која ја платил лондонскиот клуб, вели поранешниот дефанзивец на „црвените“, Џејми Карагер.

Торес направи трансфер на последниот ден од јануарскиот преоден рок во 2011 година за тогаш рекордна сума за трансфер меѓу два клуба од Премиер лигата, но никогаш не успеа да ја врати формата која ја имаше на „Енфилд“. Карагер вели дека сите биле шокирани.

„Мене не ми се веруваше и знаевме дека ги излажавме Челси. Тие последни 12 месеци тој беше сенка на напаѓачот кој беше претходно. Во 18 месеци во Ливерпул тој беше најдобриот напаѓач на светот и имаше добар скор против Челси, што на газдата на клубот очигледно му остана заглавено во умот. Но, тогаш мислам дека тој купуваше само фудбалери кои ги сака, како Андриј Шевченко. 50 милиони фунти беа многу пари тогаш и сите бевме шокирани. Но, на крајот и ние направивме слична грешка што го купивме Енди Керол за 35 милиони фунти, но го добивме и Луис Суарез“, вели Карагер во интернет-разговор со поранешниот капитен на Челси, Џон Тери.

Иако Торес имаше и добри моменти на „Стемфорд бриџ“, како освојувањето на единствената титула од ЛШ на клубот во 2012, тој се мачеше во три и пол години во Лондон, пред да замине во Милан во јануари 2015 година.

„Од страна на Челси, тој беше фудбалерот против кого мразев да играм, бидејќи секогаш ни даваше голови. А, Роман Абрамович постојано не прашуваше за него. Мислевме дека ќе доминираме со него во следните пет-шест години. Тоа беше наше размислување тогаш“, вели Тери.

Scroll to Top