Top Sport

Пред 17 години, Роналдо Назарио им даде три гола и доби аплаузи на „Олд Трафорд“ (видео)

Роналдо Луис Назарио неодамна призна дека негов омилен фудбалски момент во богатата кариера беше пред точно 17 години на „Олд Трафорд“, кога им даде хет-трик на „ѓаволите“ во дресот на Реал Мадрид и доби аплаузи од домашните навивачи додека излегуваше од игра.

Јунајтед загубија со 3:1 во Мадрид во првиот меч од четврт-финалето и се обидуваа да направат камбек на својот стадион. Роналдо го отвори резултатот, пред Руд ван Нистелрој да израмни до полувремето. Роналдо потоа постигна уште два гола, а Јунајтед успеаја само да стигнат до залудна 4:3 победа.

Зборувајќи со „Скај спортс“, Бразилецот откри дека тоа бил навистина посебен момент.

„Беше Лига на шампиони против Манчестер јунајтед, прекрасен и отворен дуел и постигнав три гола. Најдоброто беше кога ме заменија, бидејќи цел стадион аплаудираше. Никогаш не би очекувал такво нешто. Бев изненаден од спонтаната реакција на навивачите, чиј ривал бев на крајот. Тоа беше магичен момент, еден од најважните во мојот живот“, откри Роналдо.

Scroll to Top