Top Sport

Ливерпул го исфрли Наполи, Тотенхем во осминафинале откако Интер се „самоуништи“ (видео)

Англиските тимови влегоа во осминафиналето на Лигата на шампионите, откако Ливерпул ја оствари потребната и посакуваната минимална 1:0 победа над Наполи, така елиминирајќи го италијанскиот вице-шампион, додека Тотенхем со гол во 85. минута „спаси“ 1:1 реми на гости кај Барселона, исфрлајќи го Интер, кој се „посрамоти“ и одигра идентични 1:1 со ПСВ Ајндховен дома.

Ливерпул го стартуваше мечот против Наполи со императив – победа од 1:0 или од два гола разлика за да „протнат“ во осминафиналето по трите порази на гостински терен, и започнаа офанзивно од првата минута.

По неколку пропуштени шанси, Мохамед Салах повторно беше „маестрален“ за „црвените“; постигнувајќи прекрасен гол во 34. минута за многу важна победа. ПСЖ, сепак, мораше да стигне до победа на гостувањето во Белград кај Црвена звезда, и стигна до рутински 1:4 триумф благодарение на головите на Нејмар, Кавани, Маркињос и Мбапе.

Подраматично беше во групата Б, каде што Тотенхем и Интер влегоа во мечевите во „мртва трка“ – на Тотенхем му беше потребно да направи ист резултат како Интер, но тие гостуваа кај Барселона, додека Интер дома го пречекуваше отпишаниот ПСВ Ајндховен.

На „Ноу Камп“, Барса дојде до брзо водство со фантастичен соло гол на толку критикуваниот Усман Дембеле уште на стартот на мечот, и иако овој резултат совршено му одговараше на Интер, тие се наоѓаа во „шок“, откако Мексиканецот Ирвинг Лозано ги донесе ПСВ во водство уште во 13. минута.

Интер се врати преку капитенот Мауро Икарди, кој во 73. минута постигна гол за 1:1, меѓутоа во 85. минута на мечот Хери Кејн го најде Лукас за идентични 1:1, кои го носеа лондонскиот клуб во осминафинале.

Фото: ЕПА

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 6. КОЛО

ГРУПА А

Клуб Бриж – Атлетико Мадрид 0:0

Монако – Борусија Дортмунд 0:2

Табела: 1.Борусија Д 13, 2.Атлетико М 13, 3.Бриж 6, 4.Монако 1

ГРУПА Б

Барселона – Тотенхем 1:1

Интер – ПСВ Ајндховен 1:1

Табела: 1.Барселона 16, 2.Тотенхем 8, 3.Интер 8,   4.ПСВ Ајндховен 4

ГРУПА Ц

Црвена звезда – Пари Сен-Жермен 1:4

Ливерпул – Наполи 1:0

Табела: 1.ПСЖ 11, 2.Ливерпул 9, 3.Наполи 9, 4.Црвена звезда 4

Scroll to Top